Еврејските гробишта во Битола/Монастир „Дом на живите” (Беит Хаим), беа основани во 1497 година, само пет години по нивното протерување од Шпанија. Ова се едни од најстарите, ако не и најстари, еврејски гробишта на Балканот. Тие беа користени повеќе од 400 години од страна на еврејското население во Битола.

Во текот на Првата светска војна, кога линијата на фронтот минуваше низ градот, еврејските гробишта претрпеа тешки оштетувања од страна на  бомбардирањата на Централните сили (Германија и Бугарија) во текот на 1916 година.

Во 1924 година во Битола пристигна рабинот Шабтаи Џаен и веднаш увиде дека гробиштата се наоѓаат на периферијата од градот и дека се во многу лоша состојба. Голем дел од спомениците беа разнесени и се користеа како материјал за градење. Честопати натписите биле отстранувани, но некогаш останувале како украси. Останатите надгробни плочи биле расфрлани, разрушени и почнале да мувлосуваат. Со цел да собере придонеси од еврејските мигранти по потекло од Битола, рабинот Џаен отпатувал за Америка. Кога се вратил во 1929 година, покренал акција со цел изградба на заштитен ѕид околу гробиштата со железни ковани решетки во средината на кои стоела Давидовата ѕвезда. Овој ѕид ги заштитил гробиштата од понатамошни оштетувања и уништувања вклучувајќи го и периодот на бугарска окупација во Втората светска војна.

Гробиштата беа напуштени и оставени на пропаст по депортацијата на евреите од Битола во 1943. Бугарските војници ги користеевр гроб1ле надгробните плочи за да ги поплочат своите воени кампови, парадни простори, подот на нивните касарни, базенот, ѕидовите на бањите, тротоарите итн. Сè што остана беа само смачкани парчиња од надгробните плочи расфрлани насекаде низ гробиштата.

Во 1961 година, Советот на град Битола донесе одлука за ремоделирање на целиот комплекс и поставување на меморијален парк под државна закрила со цел да ги одржи сеќавањата на евреите во Битола
. Проектот беше развиен и почетните трошоци беа пресметани, делот од финансиите кои го засегаа просторното реконструирање беа и доделени, но ништо не беше преземено.

Во 1997 година, точно 500 години по нивното оформување, беше покрената граѓанска кампања за да се обноват гробиштата и да се изгради меморијален центар на Холокаустот. Извршена е значителна работа, во кои спаѓа и реставрацијата на влезната порта, која е прогласена за културно историски споменик. Портата има лак изработен во готски стил придружена со два прозорци од страните во истиот стил. Горниот дел на фасадата е декорирана со ребрасти издатоци.

Со почетокот на изградбата на Меморијалниот центар во Скопје во 2005 година, иницијативата за изградба на меморијален центар во Битола опадна.

Денес, гробиштата се целосно заградени со ѕидови (три страни се целосно изѕидани, додека предниот дел има и железна решетка). Главниот влез се наоѓа во подножјето на ридот. Неколку илјади гробни места сè уште постојат, повеќето се нечитливи, освен неколку кои се наоѓаат во долниот лев агол од страната на влезот и се во добра состојба. Поголемиот број на надгробни плочи се во хоризонтална положба по Сефардискиот обичај.

Извори:

Шломо Албохер „The life and times of the departed Jewish community of Bitola“