Меморијален парк Беит Ха Хаим Монастир

Основна идеја на проектот

 

Основната идеја на овој проект е Еврејските гробишта во Битола да се преуредат како Меморијален парк на Евреите во Монастир/Битола со што ќе се заштити историското наследство на Еврејската заедница која опстојуваше во Битола над 5 века и ќе се спречи понатамошната ерозија на оголената локација.

Меморијалниот парк ќе стане нова културна и урбанистичка атракција за сите љубители од земјата и светот, коишто истовремено

  • сакаат да се запознаат и да се дознаат повеќе за историјата и културното наследство и
  • воедно ги ценат современите високо-технолошки и естетски решенија за уредување и заштита на урбаната животна средина.

 

Постојна ситуација на локацијата

 

  • Комплексот „Еврејски гробишта“ во Битола се наоѓа на северниот влез во градот, на југо-источниот брег од ридот наречен Ушици. Просторот е заграден со ѕидана ограда и зафаќа површина од 4,1 хектари. Предниот дел од оградата како и влезниот портал со две комеморативни соби се заштитено културно наследство од 2000 г.

 

  • Согласно ГУП (генерален урбанистички план), за Битола овој комплекс се опишува како меморијални гробишта бидејќи во нив повеќе децении не се извршуваат погребални функции. ГУП предвидува истиот да биде уреден како парковски зелени површини.

 

  • Самите гробишта се најстарите познати еврејски гробишта на Балканот и во моментот  најголемите кои се зачувани како гробишта на Евреите на Балканот. Гробиштата се целосно запуштени, голем број од надгробните споменици се уништени, поместени од своите места или само затрупани со земја и диво зеленило. Просторот бил многупати опожаруван во изминатите децении, а од Втората светска војна па натаму многу надгробни споменици се однесени како градежен материјал за потребите на освојувачката војска на Бугарите, но и на други приватни лица.

 

  • Комплексот страда од силна ерозија на теренот заради стрмната поставеност и со својата запуштеност претставува големо разочарување за посетителите кои доаѓаат од цел свет, секоја година.

 

  • Согласно важечките прописи на Р.М., (Законот за гробишта и погребални услуги) гробиштата спаѓаат во категоријата „посебни гробишта“ чие одржување е во исклучива надлежност на градот. Земјиштето е во сопственост на Р.М. Бидејќи на овие гробишта не се одвиваат погребални функции, не постои економска оправданост за нивното одржување.

 

Историјат на проектот

 

  • Иницијативата за целосно обновување на Еврејските гробишта ја покрена Здружението за одржлив урбан развој АРХАМ од Битола  во јануари 2015 г. Таа му беше најпрво претставена на Н.Е. Дан Оријан, амбасадор на Израел во Македонија. Амбасадорот ја прифати како личен предизвик, откако се увери дека неколку негови претходници се соочиле со истата задача и не успеале да најдат целосно решение.

 

  • На 10 март 2015 г., Амбасадорот Оријан и Марија Герас Дочовска од АРХАМ му ја претставија идејата на градоначалникот на Битола др. Владимир Талевски, кој се согласи да даде своја поддршка. Општината Битола потоа му даде на здружението АРХАМ финансиска поддршка да ги изврши првичните истражувања за правните и техничките проблеми на предизвикот.

 

  • На 17 август 2015 г. беше потпишан Меморандум за соработка за развивање на проектот Меморијален Парк на Евреите од Битола помеѓу Општината Битола, амбасадорот Дан Оријан и здружението АРХАМ .

 

  • Во октомври 2015 г. Бордот на АРХАМ и раководителот на секторот за урбанизам во Општина Битола г-ѓа Валентина Андријашевиќ-Кривашија беа во 5-дневна посета на Израел каде што заедно со амбасадорот Дан Оријан и нашиот амбасадор во Израел Н.Е. Пајо Арвировиќ ја презентираа проектната идеја пред јавни институции, универзитетот Бар Илан во Тел Авив и хуманитарни организации. Промоцијата наиде на извонреден прием и интерес.

 

  • На 20 октомври 2015 г., АРХАМ аплицираше во Министерството за култура со истражувачки проект за развивање на Проектот за Меморијален парк како современо архитектонско решение врз постојното историско наследтво- Еврејските гробишта во Битола.

 

  • Од 1-ви до 4-ти ноември беше организирана студиска посета на локацијата од два експерти за заштита на еврејското културно наследство  од Израел. Беше констатирано дека за понатамошно развивање на проектот е неопходно да се направи пилот-акција за расчистување на дел од теренот со што емпириски ќе се утврдат неопходните технички и финансиски параметри за спроведување на планот.

 

  • Во рамките на посетата, на 2-ри ноември 2015 г. овие експерти во придружба на амбасадорот Дан Оријан и Марија Герас Дочовска – проектниот координатор од АРХАМ остварија средби  прво со претставници од  Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство на Р.М, а потоа и со министрите за одбрана и надворешни работи и одбрана. Иницијативата наиде на конструктивен  прием.

 

  • Во периодот од 24-ти до 28-ми ноември беше спроведена меѓународна работна активност за расчистување на дел од теренот и документирање на првите наоди. Во акцијата учествуваа два експерти од Израел, стручни лица од АРХАМ и помош од 60 доброволци и работници. Во рамките на акцијата беше утврдена и подготвена и локацијата на која ќе бидат извршени првите засадувања на дрва во паркот. Акцијата придонесе за разоткривање и документирање на преку 100 затрупани надгробни плочи со драгоцени натписи на еврејски јазик.

Извештај од посетата и првичното истражување на експертите од Израел – Првичен_извештај-Орит_и_Хен 1

 

Следни активности:

  • Проширување на парнерската платформа со нови партнери од земјата и странство
  • Усвојување проектна програма и потпишување на договори за партнерство
  • Кампања за собирање на донации за реализација на Проектот
  • Март 2015, започнување со спроведување на проектот
  • Очекувано траење на проектот – 24 месеци
  • Финансирање- комбинирано