Студентите од економските и техничките факултети ќе се натпреваруваат во изработка на бизнис план со посебен осврт на енергетска ефикасност. На конкурсот што ќе биде објавен од денеска ќе можат да учествуваат сите студенти од техничките и економските факултети од било која студиска година. Студентите ќе можат да се пријават за учество во форма на тимови од минимум две и максимум шест лица.

Доставените решенија од страна на студентите ќе ги разгледува стручна комисија. Најдобрите три проекти ќе бидат наградени со парични награди во вредност од 30.000, 18.000 и 9.000 денари.

Натпреварот за изработка на најдобар бизнис план е дел од активностите во рамките на Платформата за енергетска ефикасност што ја организираат ЕВН и Министерството за економија.

„Како енергетска компанија ние работиме интензивно на примената на енергетската ефикасност, особено во реалниот сектор. Но, за да имаме поголема практична примена неопходна е едукација, особено кај најмладите кои во иднина ќе бидат носители на развојот во економијата. Затоа овој натпревар е важен, бидејќи ќе отвори една нова димензија на размислување која треба да стане редовна пракса во следниот период“, изјави Вернер Хенгст, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.
За реализација на натпреварот за најдобар бизнис план, се вклучија тимот на Енергетска азбука и студентските организации IAESTE и AIESEC кои ќе дадат техничка и логистичка поддршка за реализација на овој проект. Сите заинтересирани студенти ќе може да аплицираат за учество во една од двете студентски организации или на интернет страницата www.energetskaazbuka.mk. За пријавените студенти ќе се организира и кратка обука од стручно лице за критериумите за изработка на бизнис планот.

Министерството за економија и ЕВН Македонија минатата година започнаа со „Платформата за Енергетска ефикасност“ минатата година, а целта беше подигнување на свеста и примената на енергетска ефикасност пред се во реалниот сектор. Во рамките на оваа платформа се одржа едукативна работилница за медиумите и за компаниите. Според последните податоци над 30% од компаниите веќе применуваат енергетски ефикасни технологии. Дел од оваа платформа е и едукативната емисија „Енергетска азбука“. Платформата за енергетска ефикасност беше позитивно оценета и во извештајот на Европската комисија за Македонија, во која беше нотирано дека на полето на енергетската ефикасност направен е сериозен напредок.

Извор: ЕВН Македонија