Меморандум за соработка

На 17-ти август беше потпишан Меморандум за реконструкција и заштита на еврејските гробишта во Битола меѓу амбасадорот на Израел во Македонија Н.Е. Дан Ориан, градоначалникот на Битола д-р Владимир Талески и Маријана Стефановски од Здружението за одржлив урбан развој АРХАМ од Битола.

Со потпишувањето на меморандумот еврејските гробишта во Битола ќе бидат претворени во мемоFOTO-MEMORANDUM-18-AVGUSTријален парк и со тоа оттргнати од т.н. ерозија на времето, ќе се заштитат и ќе се преземат мерки и активности за подигнување на свеста за значењето на овој објект споменик со голема културно историска вредност. Се предвидува создавање платформа за проширување на партнерите во овој проект со релевантни национални и меѓународни институции и меѓународна промоција на овој историски простор, со што ќе се придонесе во зајакнувањето на пријателството, соработката и меѓусебното разбирање помеѓу македонскиот и израелскиот народ. На еврејските гробишта ќе им биде обезбедена дополнителна грижа и заштита на просторот, ќе биде изградена посебна алеа и ќе бидат засадени дрва, исто толку колку што некогаш во Битола имало еврејски семејства.

„Меморандумот или декларацијата е многу важна бидејќи таа мотивира да работиме заеднички, институционално здружени, за да не забораваме на минатото во Битола. Нашиот единствен пат и планови се врзани со иднината, со желба во Битола да донесеме многу туристи за да ги погледнат и да прочитаат за сведоштвата од минатото. Со овој документ ја испланиравме нашата идна соработка не заборавајќи го минатото и ќе ги придвижуваме нештата бидејќи даваме нов импулс на нашата соработка” – посочи амбасадорот Ориан.

Договорот беше потпишан во битолскиот НУ Завод и Музеј после што следеше отворање на изложба на тема „Еве Сум“ – Израелските предели во илустрациите на детските книги од 1948 до 2014 година од страна на израелската илустраторка Лиора Гросман.

Видеото е преземено од ТВ Тера.