Информирај се

Иако сите знаеме дека со прашување се пристига и до Рим, сепак добрите патокази ќе Ви го скратат патувањето.

Овде ќе најдете корисни информации за различни теми поврзани со урбаното живеење за кои имаме сознание дека се интересирате.

Следете ги прашањата и видете корист од нашите одговори.

Доколку пак имате прашање со кое сметате дека можеме да Ви помегнеме, поставете го тука

Што е ЕКО кредит?

ЕКО кредитите се наменети за инвестиции во проекти кои имаат ефект на заштеда на енергија, зголемување на енергетска ефикасност и намалување на загадување на атмосферата со CO2 (јаглерод диоксид).

Со ЕКО кредитите за енергетска ефикасност се постигнува:

  • Заштеда на енергија;
  • Поврат на инвестицијата на долг рок;
  • Поефикасно управување со природните ресурси;
  • Придонес за здрава околина.

Кој нуди вакви кредити

Што треба да знаете за просторното планирање?
Неопходни предуслои за остварување на основната човекова потреба за постојано место на живеење и за вршење на активности со кои ја обезбедува егзистенцијата за себе и за своето семејство, како и за остварување на потребата на правните лица за деловен простор се:

  • Правото на сопственост или друго стварно право врз определен дел-површина од градежното земјиште
  • Постоењето на просторните и урбанистичките планови и почитувањето на правилата и нормите за изградба на објекти
Дејноста планирање и уредување на просторот е дејност од јавен интерес регулирана со Законот за просторно и урбанистичко планирање. За нејзина реализација Владата на Република Македонија ја основа Агенцијата за планирање на просторот како независно, самостојно правно лице (“Службен весник на РМ”, бр. 51/05). Превземи го пречистениот текст на законот тука.

prostorno_urbanisticko_planiranjeОсновната функција на Агенцијата е изработка и учество во изработката на повеќе стратешки документи, особено на оние кои се во програмата на Владата на Република Македонија. Иако основањето на Агенцијата за планирање на просторот е со понов датум, нејзиното работење претставува континуитет на работењето на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови, кое функционира од 1996 година. Посети ја страницата на Агенцијата за планирање на просторот на www.app.gov.mk.

Планирањето е континуиран процес на изработување, донесување и спроведување на просторен план и урбанистички планови со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.

Во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови:

  1. Просторен план на Република Македонија и
  2. Урбанистички планови:
    • генерален урбанистички план,
    • детален урбанистички план,
    • урбанистички план за село и
    • урбанистички план вон населено место.

Просторниот план на Република Македонија и урбанистичките планови континуирано меѓу себе се усогласуваат и дополнуваат. Нивното донесување и спроведување е задолжително.

Просторен план на Република Македонија се донесува за територијата на целата Република и претставува стратегија за просторен развој на Републиката, кој дава насоки за намената, користењето, заштитата, организацијата, уредувањето и управувањето со просторот на Републиката.

Просторниот план за регион и просторниот план за подрачје од посебен интерес за Републиката се составни делови на Просторниот план на Републиката со кои се разработува Просторниот план на Републиката.

Просторен план за регион се изработува за подрачје кое претставува географска, економска или функционална целина утврдена со Просторниот план на Републиката. Просторен план за подрачје од посебен интерес за Републиката се изработува за национален парк или друга категорија на заштитено подрачје, акумулација или изворник на вода, подрачје со обемна експлоатација на минерални суровини, инфраструктурни и сообраќајни коридори, енергетски производни објекти и системи, мелиорациони и други системи и други подрачја од значење за Републиката утврдени со Просторниот план на Републиката.

Генерален урбанистички план се донесува за населено место град утврдено со закон.
Детален урбанистички план се донесува за плански опфат, за кој е донесен генерален урбанистички план.
Урбанистички план за село се донесува за подрачје на населено место во општината од селски карактер

Урбанистички план вон населено место се донесува по потреба за плански опфат, за подрачја на општините кои не се опфатени со генералните урбанистички планови и со урбанистчките планови за село. Со овој план се уредува намената и начинот на користење на просторот, како и условите за градење на комплекси и градби вон од градовите и другите населени места.

Сите планови се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Собранието на Република Македонија го донесува Просторниот план на Републиката, во рок од шест месеца од денот на доставувањето од Владата на Република Македонија.

Советот на градот Скопје донесува генерален урбанистички план на градот Скопје.

Советите на општините во градот Скопје донесуваат:

  • детален урбанистички план,
  • урбанистички план за село и
  • урбанистички план вон населено место.

Советите на општините со седиште во град донесуваат:

  • генерален урбанистички план,
  • детален урбанистички план,
  • урбанистички план за село и
  • урбанистички план вон населено место.

Советите на општините со седиште во село донесуваат:

  • урбанистички план за село и
  • урбанистички план вон населено место

Планирањето на просторот се врши за период од најмалку:

  • 15 години за Просторен план на Републиката
  • 10 години за генерален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место
  • 5 години за детален урбанистички план